Скопско астрономско друштво


адреса:
ул. „Доситеј Обрадовиќ“ 14-1/2
1000 Скопје
Р. Македонија

e-mail:
kontakt@astronomija.com.mk

контакт телефони:
070/498345 (Мартин Стојановски)
076/439027 (Радан Митровиќ)

состаноци:
секој понеделник од 20:00 часот во просториите на Електротехничкиот Факултет во Скопје (Барака 3)

„Скопско астрономско друштво“ (САД) е здружение на граѓани, љубители на астрономијата, од различна возраст и националност. Основано е со Основачкото собрание одржано на 10.12.1998 г. во Скопје.

Целите и определбите на друштвото се ширење и популаризација на астрономијата како наука и обединување на сите љубители на астрономијата во нивната заедничка потрага по повеќе знаење, дружење и ведро небо.

www.astronomija.com.mk е официјален веб-сајт на Друштвото.

Амблемот на почетокот на оваа страна (погоре) е официјален амблем на Друштвото.

Во Друштвото моментално се активни околу 60 членови.

САД активно соработува и со Македонското астрономско друштво, Битолското астрономско друштво, Младинскиот Културен Центар, Емитер (списание за популаризација на науката и техниката) и веб порталот „idividi.com.mk“.
Успешна соработка е остварена и со други странски организации и здруженија, како IMO (International Meteor Organisation - Меѓународна метеорска организација), „Астрономски Магазин“ (интернет списание од Србија), АД „Инфинитум“ од Загреб (ХР), АД „Лозница“ од Лозница (Србија), АД „Руџер Бошковиќ“ од Белград (Србија), АД „Алфа“ од Ниш (Србија) и други. Повеќе за соработниците на Друштвото, и воопшто линкови до астрономски интернет страни, има во делот „Астрономски друштва“.

Активности

Скопското астрономско друштво има редовни состаноци секој понеделник од 20:00 часот во просториите на Електротехничкиот и Машинскиот факултет во Скопје.
Друштвото редовно организира курсеви по астрономија, циклуси предавања од областа на астрономијата, астрономски кампови, теренски набљудувања за членовите на Друштвото, отворени набљудувања за јавноста, а остварува и активна соработка со медуимите преку константно информирање за вселенските феномени и случувања, како и за активностите на Друштвото.

Додека галеријата на оваа веб-страна е во изработка, тука и тука можете да погледнете слики од сите активности на Скопското астрономско друштво, на вториот линк подредени по хронолошки редослед (од основањето на Друштвото, па до денес).

Курсеви по астрономија

Друштвото досега има организирано вкупно единаесет курсеви по астрономија, од кои десет почетни во периодот од 1999 до 2008 (во текот на март, април и мај) и еден последователен курс по астрономија во 2000 (во текот на септември и октомври).

Почетните курсеви кои беа одржани од 1999 до и заклучно со 2002 имаа стандардизирана програма, која ги вклучуваше следниве предавања:
1. Вовед во астрономијата, историја на астрономијата;
2. Небесна сфера, координатни системи што се користат во астрономијата;
3. За силата на гравитацијата, мерни единици;
4. Сончев планетарен систем (основни карактеристики на сончевиот планетарен систем, планетата Земја како дел од сончевиот планетарен систем, Месечината - природен сателит на Земјата);
5. Сончев планетарен систем (мали планети, големи планети);
6. Сончев планетарен систем (мали тела во сончевиот систем);
7. Сонце;
8. Ѕвезди;
9. Групации на ѕвезди;
10. Вселена;

На овие курсеви присуствуваа во просек по околу 30 учесници.

Курсевите во 2003, 2004, 2006, 2007 и 2008  ја имаа следнава (или слична) програма:
1. Небо и координатни системи во астрономијата;
2. Основни закони во астрономијата;
3. Сонце;
4. Сончев систем - планети и мали тела во Сончевиот систем;
5. Ѕвезди и ѕвездена еволуција;
6. Длабока Вселена;
7. Астрономски инструменти: двогледи и телескопи;
8. Соѕвездија и набљудување на небото;

На нив присуствуваа во просек по околу 70 посетители. За овие курсеви беа подготвени мултимедијално CD и скрипта, кои ги содржеа сите предавања од курсот. Тие претставуваат првите астрономски материјали од ваков вид подготвени на македонски јазик.

Со цел почетните курсеви да добијат повеќе на содржајност и сериозност, курсот во 2005 беше поделен на два дела, од кои првиот дел („Астрономија 1“) се одржа од 7 март до 16 мај 2005. Вкупно го посетуваа над 50 учесници. Овој дел беше сконцентриран на основите на небесната механика и Сончевиот систем, со следната програма:
1. Движење на Земјата и појави на небесната сфера 1;
2. Движење на Земјата и појави на небесната сфера 2;
3. Гравитација и основи на небесната механика 1;
4. Гравитација и основи на небесната механика 2;
5. Терестријална група планети 1;
6. Терестријална група планети 2;
7. Мали тела во Сончевиот систем;
8. Комети;
9. Јовијанска група планети;
10. Практични проблеми од претходните теми;

Вториот дел од курсот („Астрономија 2“) беше одржан од 10 октомври до 28 ноември 2005. Вкупно го посетија околу 15 учесници. Овој дел беше сконцентриран на космологија и еволуција на ѕвездите, со следнава програма:
1. Месечина;
2. Телескопи и астрономска фотометрија;
3. Спектрална анализа и Доплеров ефект;
4. Сонце;
5. Ѕвезди и развој на ѕвезди 1;
6. Ѕвезди и развој на ѕвезди 2;
7. Галаксии и космологија 1;
8. Галаксии и космологија 2;
 
И за двата дела беа обезбедени материјали (книгите „Астрономија 1 и 2“ од Д-р Владис Вујновиќ).

Последователниот курс беше одржан во септември и октомври 2000 година, и на него присуствуваа околу 20 посетители.  

Додека галеријата на оваа веб-страна е во изработка, тука и тука можете да погледнете слики од курсевите во организација на Скопското астрономско друштво.

Предавања од областа на астрономијата
   
Покрај овие курсеви, Скопското астрономско друштво има одржано и неколку циклуси различни предавања од областа на астрономијата.

Во мај 2003 беа остварени неколку предавања на разни теми за учениците на АСУЦ „Боро Петрушевски“ – Скопје, при што беа инволвирани голем број ученици од ова средно училиште.

Исто така, во октомври 2004, учениците на средното американско училиште „Нова“ имаа можност да следат едно предавање од областа на астрономијата.

На 29 септември 2005, на покана на „Американското катче - Скопје“ (АСЅ), во нивните простории беше одржано предавање на тема „Месечината - вовед, потекло, структура и интересни факти“, на кое присуствуваа повеќе гости на АСЅ и членови на Друштвото. Предавањето беше одржано по повод емитувањето на серијалот „Мисиите Аполо“.

Друштвото ја одбележи „Светската година на физиката“, со предавањето „Година на физиката во знакот на Ајнштајн“ на 28 февруари 2005 година, на кое како гостин предаваше проф. д-р Ѓорѓи Ивановски. Предавањето привлече рекорден број на посетители.

На 28.04.2005, пред празникот Велигден, беше одржано предавањето „Зошто оваа година Велигден е на 1 мај?“.

По повод делумното затемнување на Сонцето на 3 октомври 2005, истиот ден беше организирано популарно предавање на тема „Затемнувања на Сонцето и Месечината“.

Во пресрет на новогодишните и божиќните празници кон крајот на 2005, на 29.12.2005 Друштвото организираше предавање на тема „Нова Година и календари кај различни цивилизации“.

Заради покажаниот интерес кај луѓето, предавањето „Нова Година и календари кај различни цивилизации“ беше повторено пред новогодишните и божиќни празници кон крајот на 2006 (на 25 декември 2006 година) и кон крајот на 2007 година (на 20 декември 2007).

По повод 21-годишнината од катастрофата во Чернобил, на 27 април 2007 година Скопското астрономско друштво организираше популарно предавање на тема „Нуклеарна енергија - поуки и последици од Чернобил“.

Во рамките на „Прилеп - град на културата 2007“, а на покана на Градот Прилеп, Скопското астрономско друштво организираше Астрономски викенд во овој град, исполнет со предавања и проекции на документарни филмови од областа на астрономијата. Исто така, беше одржана изложба на астрофотографии на Друштвото, прва од ваков вид. За жал, времето не дозволи да се организира и предвиденото јавно набљудување, но затоа остатокот од настанот се одвиваше според планот. Ова беше првото претставување на активностите на Друштвото пред граѓаните на Прилеп.

Од 6 октомври до 24 ноември 2003 год. беше организиран првиот циклус предавања од областа на астрономијата, со следниве теми:
06.10.2003    Астрономски откритија во новиот век
13.10.2003    Марс и негово тераформирање
20.10.2003    Екстрасоларни планети
27.10.2003    Живот во Вселената
03.11.2003    Црни дупки
10.11.2003    Ѕвезденото небо низ телескоп
17.11.2003    Вселенски мисии
24.11.2003    Вистината за хороскопот и астрологијата
И за овој циклус предавања беше изработено мултимедијално CD со содржината и презентациите од сите предавања, први од ваков вид на македонски јазик. Секое предавање го посетија околу 60 посетители.

Од 29 ноември до 27 декември 2004 год. САД организираше втор циклус популарни астрономски предавања, со следниве теми:
29.11.2004    Вистините за хороскопот и астрологијата
06.12.2004    Темната страна на Вселената
13.12.2004    Црни дупки
20.12.2004    Меѓуѕвездени патувања
27.12.2004    Живот во Вселената

Третиот циклус популарни предавања, кои се одржуваа секој прв четврток во месецот, почна на 5 мај 2005 и, со мала пауза за летото, заврши на 16 март 2006. Во рамките на циклусот имаше предавања со следниве теми:
05.05.2005    Општ релативитет и црни дупки
02.06.2005    Вистината за хороскопот и астрологијата
06.10.2005    Вселенски мисии
03.11.2005    Марс и негово тераформирање
01.12.2005    Астероиди - беззначајни камчиња, или убијци од заседа?
05.01.2006    Ѕвездени патеки – утопија или иднина? (гостуваа предавачи од здружението „Мактрек“)
02.02.2006    Живот во Вселената
02.03.2006    Црни дупки (предавач-гостин беше Благој Петрушев од Институтот за Физика при ПМФ)

Четвртиот по ред циклус популарни предавања траеше од 19 октомври 2006 година до 21 декември 2006. Беа реализирани вкупно 10 популарни предавања, на следниве теми:
19.10.2006    Зошто Плутон повеќе не е планета?
26.10.2006    Астероиди – безначајни камчиња, или убијци од заседа?
02.11.2006    Меѓуѕвездени патувања
09.11.2006    Космологија
16.11.2006    Природни и вештачки сателити
23.11.2006    Од ѕвезда до црна дупка
30.11.2006    Екстрасоларни планети
07.12.2006    Чудесно небо
14.12.2006    Потрага по вонземски цивилизации
21.12.2006    Ѕвездени патеки – реалност во иднината

Петтиот по ред циклус популарни предавања се оддржа од 4 октомври до 13 декември 2007 година. Посетителите можеа да слушнат 10 предавања на следниве теми:
04.10.2007   50 години во Вселената
18.10.2007   Астрологија: вистина или лага?
25.10.2007   Астероиди: Безначајни камчиња, или убијци од заседа?
01.11.2007   Космологија и темна материја
08.11.2007   Дали слетавме на Месечината?
15.11.2007   Аполо: Голем скок за човештвото
22.11.2007   Црни дупки
29.11.2007   Населување на Вселената
06.11.2007   Астромитологија
13.11.2007   Најновото од Марс и Сатурн

Курсевите и предавањата беа најавени преку повеќе печатени и електронски медиуми, а скопските средни училишта и факултети изложија плакати за овие активности, при што беа известени и соодветните професори. Сево ова беше со цел да се постигне висок степен на инволвираност на сите граѓани во активностите на Скопското астрономско друштво.  

Додека галеријата на оваа веб-страна е во изработка, тука и тука можете да погледнете слики од предавањата во организација на Скопското астрономско друштво.

Теренски набљудувања

Редовно се организираат и теренски набљудувања за членовите на Скопското астрономско друштво, со цел следење на определена астрономска појава. Од своето постоење, Друштвото ги следи сите астрономски феномени кои се имаат случено од постоењето на САД, како на пример сите затемнувања на Месечината и Сонцето, метеорски роеви, комети, опозиции, конјункции итн. Од сите овие настани направени се мноштво астрофотографии, кои можете да ги погледнете тука, додека галеријата на оваа веб-страна е во изработка. Од последните позначајни активности во оваа област го издвојуваме набљудувањето на тоталното затемнување на Сонцето на 29 март 2006, близу до Анталија, Турција. Во организирано патување, 10 членови на Друштвото, 3 гости од Италија и 4 гости од Хрватска имаа несекојдневна можност да присуствуваат на овој редок феномен.

Во текот на 2003, 2004, 2005 и 2007, Друштвото организираше четири „Месије маратони“.

Друштвото има остварено контакти со IMO (International Meteor Organisation - Меѓународна Метеорска Организација), каде неколку членови се веќе регистрирани и редовно праќаат извештаи од разни метеорски роеви. Од постоењето на друштвото, па до сега, редовно се пратат повеќе метеорски роеви, од кои два (Леониди и Персеиди) најредовно се регистрираат. За овие два роја пратени се детални извештаи за секоја година, почнувајќи од 2002 година.

Додека галеријата на оваа веб-страна е во изработка, тука и тука можете да погледнете слики од теренските набљудувања на Скопското астрономско друштво.

Астрономски кампови

До сега се организирани пет летни астрономски кампови, два во Кумановскиот регион, еден на Рудине, еден покрај Беровското Езеро и еден на Вртешка (планина Плачковица).

Првиот ваков камп беше организиран на 4, 5 и 6 јули 2003 година и на него присуствуваа 15 членови на Друштвото и еден гостин од Србија, додека вториот камп беше организиран на 11, 12, 13 и 14 август 2004 год., исто така посетен од гости од Србија и околу 10 членови на Друштвото. Третиот камп беше одржан на 7 и 8 јули 2005 година.

Последните два кампа беа посериозно организирани, со повеќе гости (и надвор од Друштвото, и надвор од државава). Четвртиот камп по ред се одржа од 10 до 13 август 2007 година, во близина на Беровското Езеро. Последниот, петти камп по ред, се одржа од 1 до 3 август 2008 година.

Додека галеријата на оваа веб-страна е во изработка, тука можете да погледнете слики од камповите во организација на Скопското астрономско друштво.

Отворени набљудувања за јавноста

Скопското астрономско друштво досега има организирано повеќе отворени набљудувања за јавноста. Граѓаните на Скопје, преку телескопите обезбедени од Друштвото, досега имаа прилика да ги набљудуваат:
- затемнувањето на Сонцето во август 1999;
- повеќе затемнувања на Месечината, (октомври 2004);
- реткото појавување во исто време на сите пет планети видливи со голо око пролетта 2002 и пролетта 2004, при што во еден ден 700 граѓани ја имаа можноста да го набљудуваат овој феномен;
- опозицијата на Марс во август 2003, кога 15 дена стотици граѓани имаа можност да го набљудуваат најблиското приближување на црвената планета во последниве 60 000 години, преку телескопите и опремата на САД изложена на градскиот плоштад, и да дознаат нешто повеќе од брошурите подготвени од Друштвото, како и од активните разговори со членовите;
- транзитот на Венера 8 јуни 2004, кој беше првиот настан на кој Друштвото пренесуваше слики во живо на официјалниот сајт на Друштвото, преку посебна екипа, која беше задолжена да направи сериозни мерења и фотографии од настанот. САД соодветно одговори на сериозноста на овој астрономски настан, навремено информирајќи ја јавноста преку разни печатени и електронски медиуми, додека пак со помош на спонзорства беа испечатени 6000 летоци и 100 постери, кои имаа најголем ефект во инволвирањето на јавноста. За време на транзитот, стотици граѓани, меѓу кои и неколку странци, имаа можност директно да го набљудуваат овој редок феномен преку опремата на членовите на Друштвото, изложена на градскиот плоштад. Од екипата на терен беа направени посебни фотографии и мерења.
- реткото приближување на планетите Меркур, Венера и Сатурн кон крајот на јуни 2005 год., кога над 1000 скопјани имаа можност да учествуваат во набљудувањето на овој редок настан преку опремата на членовите на Друштвото, која им беше на располагање од 24 до 26 јуни.
- сончевите пеги, кои скопјани за прв пат имаа можност да ги набљудуваат. Во текот на јуни, членовите на Друштвото во два наврати ја поставија својата опрема на располагање на граѓаните.
- делумното затемнување на Сонцето на 3 октомври 2005, кога околу 500 скопјани го погледнаа овој настан низ опремата на членовите на Друштвото, која повторно беше поставена на градскиот плоштад во Скопје (за извештајот и слики од набљудувањето кликнете тука)
- делумното затемнување на Сонцето на 29 март 2006, повторно од градскиот плоштад во Скопје (за извештајот и слики од набљудувањето кликнете тука). Веднаш по настанот, на наше огромно задоволство, пристигнаа голем број на фотографии од астрономи-аматери од целата земја. Тоталното затемнување беше набљудувано и фотографирано од група членови на САД во Анталија, Турција.
- планетите и Месечината, од градскиот плоштад, кон крајот на јуни 2007 (без некој особен повод).
- планетите и Месечината, од градскиот плоштад, во текот на јули 2008 (без некој особен повод).
- делумното затемнување на Месечината од 16 август 2008. И тогаш телескопите на членовите на Друштвото беа поставени на градскиот плоштад во Скопје.

Додека галеријата на оваа веб-страна е во изработка, тука и тука можете да погледнете слики од јавните набљудувања во организација на Скопското астрономско друштво.

Издавачка активност

Скопското астрономско друштво досега има издадено три броја од списанието „Вселена“, кое во текот на 2001 излегуваше како подлисток на дневниот весник „Вест“. Целокупната обработка на списанието беше остварена од членовите на Друштвото.
Скопското астрономско друштво има и свое интерно списание - „ИнфоСАД“, кое досега има излезено во 12 примероци. Во 2002 год. списанието го промени своето име и продолжи да егзистира како „Мерак“. Под ова име се остварени 3 броја на списанието.
Моментално сите сили на Друштвото се насочени кон неговата официјална веб-страна  www.astronomija.com.mk, која има информативна и едукативна улога, со тоа превземајќи ја улогата на интерно списание. Таа исто така е и место за контакт на астрономите од овие краишта, истовремено функционирајќи како своевидна астроучилница и веб-портал, на кој секојдневно се објавуваат најновите вести од областа на астрономијата (се разбира, на македонски јазик).

Соработка со медиумите
                   
Скопското астрономско друштво има организирано повеќе трибини на различни астрономски теми, а претставници на Друштвото повеќе пати оствариле учество во телевизиски и радио дебати и емисии од информативен карактер.
Членови на Друштвото многу често даваат кратки интервјуа за информативни потреби на повеќе телевизиски куќи. Редовно се праќаат известувања до сите медиуми (електронски и пишани), со цел информирање на јавноста за астрономските случувања. Дневните весници во Македонија во повеќе наврати објавиле информации за активностите на САД, или текстови за самото Друштво.
Друштвото е секогаш на располагање за консултации и давање корисни информации за потребите на медиумските куќи, особено во подготвувањето на емисии со образовен карактер од областа на астрономијата. Остварена е соработка со Македонската Радио Телевизија за потребите на контактно рекреативната образовна програма - Ѕвон, при што членови на друштвото досега подготвија и организираа 10 краткометражни образовни прилози од областа на астрономијата. Исто така, за потребите на оваа телевизиска куќа во септември 2005 год. беа приготвени одговори на 6 прашања од областа на астрономијата, кои беа искористени за изработка на посебна емисија.
Јавноста редовно е запознаена со актуелните астрономски феномени или активностите на Друштвото, преку разните емисии на МРТВ, Сител, МакСпот и А1 телевизија, и емисијата „Red Hot“. Во почетокот на ноември 2006 год. членови на САД беа гости во двочасовното Late Night Show на Канал 5 телевизија, каде беа дискутирани првите три теми од IV циклус популарни предавања.
Остварена е и соработка со месечното списание Емитер, каде редовно се објавуваат новости и статии од членови на Друштвото.

Проект „Етноастрономија“

Во рамките на проектот „Етноастрономија“ беа организирани две теренски активности, при што беа собрани и класифицирани многу корисни податоци за видувањето на астрономските појави кај постарите жители од скопскиот регион.

Светска недела на астрономијата

Скопското астрономско друштво редовно ја одбележува и светската недела на астрономијата, од 4 до 10 октомври.
За првпат Друштвото го одбележа овој настан со првото предавање од циклусот предавања во 2003 год., на тема „Астрономски откритија во новиот век“, кое се одржа на 6 октомври. По овој повод беа дадени изјави за МРТВ и А1 телевизија и беше објавена кратка информација, организирана во информативен прилог во повеќе печатени медиуми.
Исто така, во рамките на циклусот популарни предавања секој прв четврток од месецот, со предавањето „Вселенски мисии“, кое се одржа на 6 октомври 2005 год., Друштвото ја одбележа светската недела на астрономијата во оваа година.
Во меѓувреме, таа беше одбележана на најразлични начини, додека медиумите беа редовно запознаени.

Меѓународни активности

Скопското астрономско друштво остварува активна соработка со многу астрономски друштва и асоцијации надвор од Републикава, претежно од балканските простори.

Членови на Друштвото досега присуствуваа на:
- шест летни астрономски кампови „Летенка“ во околината на Нови Сад (Србија), во 2003, 2004, 2005, 2006, 2007 и 2008 год.;


- бројни набљудувања во околината на Загреб (Хрватска), во рамките на "Japetic Star Party", во организација на Астрономското друштво „Инфинитум“ од Загреб;
- Меѓународната метеорска конференција во Варна (Бугарија) есента 2004 год.,кога два члена на Друштвото земаа активно учество;
- „Летната астрономска школа - Рожен 2005“, од 22 до 31 јули 2005 год., кога 5 членови на Друштвото земаа активно учество. Оваа школа традиционално се одржува на Бугарската национална опсерваторија на врвот Рожен.

На повеќето астрономски кампови во организација на Друштвото присуствуваа гости од Србија и Хрватска, а се очекуваат посетители надвор од државава и за следните вакви кампови.

Додека галеријата на оваа веб-страна е во изработка, тука можете да погледнете слики од меѓународните активности на Скопското астрономско друштво.

Идни проекти на Скопското астрономско друштво

- Во рамките на идните проекти на Друштвото целосно беше изработен проект за изградба на опсерваторија на врвот на Водно, но за жал, заради приликите во почетокот на 2001 год., овој проект не беше реализиран, иако средствата веќе беа одобрени. Скопското астрономско друштво повторно изготвува предлог проект и план за градење на опсерваторија на локација во Македонија, истовремено погодна за сериозни и популарни набљудувања на астрономските случувања.
- Една од најважните задачи на Друштвото во идниот период е обезбедување на матична канцеларија на Друштвото;
- Продолжување со редовните Основни курсеви по астрономија, секоја година;
- Продолжување со редовните циклуси популарни астрономски предавања;
- Одржување на традиционалните Летни астрономски кампови, секоја година;
- Зголемување на бројот на астрономски предавања по основните и средните училишта;
- Редовно одбележување на Светската недела на астрономијата, преку популарни предавања и разни други активности;

САД и понатаму ќе организира набљудувања на сите поважни астрономски случувања и ќе продолжи со информирање и едуцирање на јавноста за сите актуелни астрономски феномени.


Контакт

Сајтот www.astronomija.com.mk е официјален сајт на Друштвото. За сè што сакате да прашате за нас, или општо околу астрономијата, слободно пишете на kontakt@astronomija.com.mk.

 

последна промена 28.08.2008

Овој запис е прочитан 22014 пати

Пребарај

Се вчитува...

Фотографија на денот

денес

Once the famous Once the famous


вчера

The Waterfall and the World at Night The Waterfall and the World at Night


завчера

Swinging around the Sun's eastern limb on Monday, Swinging around the Sun's eastern limb on Monday,


Фази на Месечина

Сончева активност

Интересно

Заради чудниот однос на Меркурoвиот ден и година, кога астронаут би стоел на Меркур, за него времето помеѓу две изгрејсонца би било 176 земјени денови.

САД преку социјалните мрежи

Македонски Star Trek фан клуб
Astronomski Magazin (на Спрски јазик)
Copyright © Скопско астрономско друштво | Изработено од Medium3