Природни сателити

Што да очекуваме на Титан?

02.12.2004

На 14 јануари 2005 год. сондата Хајгенс ќе се пробие во портокаловата атмосфера на Сатурновата месечина, Титан. Научниците се надеваат дека Хајгенс ќе го преживее пробивот. Ќе лета низ магла од јаглеводород и
облаци од метан кон површина, која се состои од планини мраз високи 7 km и мориња од течен метан. Всушност, ова е сликата која се добива од серијата написи во списанието „Geophysical Research Letters“ објавени минатиот месец, во кои детално е изложено она што досега го знаат научниците за површината, атмосферата и магнетното поле на Титан.
 
Половина од авторите се истражувачи од универзитетот Беркли, Калифорнија. Написите се произлезени од состанокот одржан на Универзитетот Беркли минатиот ноември, на кој се дискутирало за досега собраните податоци за сателитот добиени од оптички, радарски и инфрацрвени телескопи, меѓу кои и Хабловиот и телескопите Кек (Keck telescopes) на Хаваите. Според овие набљудувања, светлите зони видени со телескопите на Земјата и со Хабловиот телескоп би можеле да бидат мешавина од карпи и воден мраз, додека пак темните места содржат течен јаглеводород. Единствениот сателит со дебела атмосфера, богата со метан и азот, ги заинтригира научниците, бидејќи наликува на Земјата „во младоста“ и може да ги доведе до одговор за потеклото на животот на нашата планета. Во атмосферите и на Титан и на раната Земја, доминира количеството на азотот. Де Патер (De Pater), професорка по астрономија на Беркли и дипломецот по хемија Мејт Адамкович (Mate Adamkovics), користеле адаптирачка оптика на телескопот Кек при сликањето на јаглеводородната магла која го обвиткува сателитот, правејќи снимки од различни висини, од 150 до 200 km кон површината. Од филмот направен од овие снимки, маглата е видлива во атмосферата на околу 30-50 km над јужниот пол. Стратосферска магла на околу 150 km е видлива над голема површина на северната, но не и на јужната хемисфера - асиметрија која и претходно е набљудувана. Меѓу ниската атмосфера и стратосферата на јужната хемисфера, на висина од околу 42 km видлива е цирусна магла, аналогно на цирусната магла на Земјата. Овие набљудувања се согласуваат со теоријата за формирање на магла каде сончевата светлина создава честички магла на голема висина (400-600 km) над површината, кои се оддувани на зимскиот пол, каде пак, маглата се акумулира како поларна капа. Честичките магла почнуваат да се разбрануваат и се носени од струјата на помала надморска висина кон јужниот пол. Лабораториските експерименти на Мелиса Треинер (Melissa Trainer) од универзитетот во Колорадо, САД, за списанието соопштува дека честичките магла можат да бидат полициклични ароматични јаглеводороди доколку концентрацијата на метан во атмосферата е висока (околу 10%) иако главно би биле нискоконцентрирани јаглеводороди во долги низи.
 
Но, како навистина е на Титан за сега останува мистерија. Сондата Хајгенс ќе ја измери концентрацијата на гасовите како што ќе се спушта низ атмосферата, со надеж дека ќе ја испита и поврзаноста на концентрацијата на метан со составот на аеросолта. Набљудувањата на Титан од страна на Касини во наредниве 4 години се очекува да дадат повеќе информации за атмосферската магла и топографијата на површината, како и да покренат нови прашања. Де Патер се залага астрономите да продолжат да го набљудуваат Титан преку телескопите на Земјата за, како што пишува таа, „да можат да се поврзат податоците добиени од Касини-Хајгенс со долгорочната база на податоци за Титан“.

Емилија Шиклеска

Овој запис е прочитан 1800 пати

Пребарај

Се вчитува...

Фотографија на денот

денес

Our Sun is not a giant blueberry. Our Sun is not a giant blueberry.


вчера

What on Earth is that?  What on Earth is that?


завчера

Once the famous Once the famous


Фази на Месечина

Сончева активност

Интересно

Американскиот континент ќе се оддалечи уште повеќе кон запад, а Африка ќе се спои со Евроазија.

САД преку социјалните мрежи

Македонски Star Trek фан клуб
Astronomski Magazin (на Спрски јазик)
Copyright © Скопско астрономско друштво | Изработено од Medium3