Дали Плутон е планета или обична карпа? Добро прашање. Дали Плутон треба да го сметаме за деветта планета од Сончевиот систем, или тоа е само една огромна карпа која заедно со останатите тела од Кајперовиот појас орбитира околу Сонцето во многу одалечена елиптична орбита? Се чини дека двата понудени одговори се прифатливи, гледано од положбата во која ние се наоѓаме, на Земјата, и со оглед на фактот што Плутон се уште останува тело кое воопшто не е фотографирано одблизу, за кое не се вршени никакви посериозни испитувања врзани за неговата форма, градба и атмосфера, ниту пак е посетено од некое вселенско летало до сега. Она малку што се знае за Плутон доволно е да наметне едно такво прашање. Би можел да биде и астероид, можеби и комета. Но, што е всушност Плутон?
 |
|
Плутон виден од вселенскиот телескоп Хабл | |
Официјално, во Меѓународната астрономска унија, Плутон е заведен како деветта планета од Сончевиот систем и се чини дека во блиска иднина тоа и ќе остане така. Причините поради кои тоа е така се јасни. За планета се смета секое тело од Сончевиот, па и од останатите ѕвездени системи, кое исполнува три услови: треба директно да орбитира околу својата матична ѕвезда (не како природните сателити кои кружат околу ѕвездите истовремено орбитирајќи околу некое друго тело); да биде доволно мало за да не може да се развие нуклеарна фузија во неговата внатрешност (како што е тоа случај со ѕвездите) и да биде доволно големо за неговата сопствена гравитација да го формира во тело со сферен облик. Плутон ги исполнува сите овие услови. Но, истите услови ги исполнува и Церес, кој официјално е класифициран како астероид. Воглавно, сите тела кои имаат пречник поголем од 400 километри се со сферен облик, вклучувајќи ги тука и поново откриените ледени објекти од Кајперовиот појас. Тоа се гигантски комети со размери колку и самиот Плутон кој што, имајќи ја во предвид неговата структура, би можел да биде сметан и за комета. Но, од друга страна пак ако го ставиме составот на прво место тогаш и Земјата би можеле да ја сместиме во групата на џиновски астероиди. Како што е познато, внатрешниот Сончев систем е составен од четири карпести планети, уште наречени и терестрални: Меркур, Венера, Земја и Марс. Плутон пак, кој се наоѓа зад џиновските гасовити планети Јупитер, Сатурн, Уран и Нептун, исто така се претпоставува дека е составен од цврс материјал (70% карпи и 30% воден мраз). Неговиот дијаметар изнесува 2300 километри. Орбитира на просечна одалеченост од 6 милијарди километри (39,5 AU) од Сонцето, одалеченост која варира за цели 25%. Времето кое му е потребно да направи една револуција изнесува 248,54 Земјини години. Ако живеете на Плутон токму толку време ви е потребно да славите прв роденден. Ротира во спротивна насока од повеќето планети. Еден ден на Плутон трае 6,4 Земјини денови.
 |
|
Плутон во 2003 и во 2015 год. (30 kb) | |
Меѓутоа она што е најинтересно за Плутон е тоа што не орбитира во иста рамнина со останатите осум планети од Сончевиот систем. Рамнината во која Плутон орбитира прави агол од 17 степени со рамнината во која орбитираат преостанатите планети. Исто така Плутон е и единствената планета која има природен сателит, Харон, кој е со приближна големина колку половина од Плутон. Интересно е, затоа што како резултат на тоа овој систем Плутон-Харон има бинарна орбита. Двете тела орбитираат околу заеднички центар на маса, при што истовремено се свртени еден кон друг со истата страна. Атмосферата пак на Плутон, откриена при окултацијата на Плутон со ѕвезда во 1988 год, се смета дека е составена од азот, јаглерод моноксид, метан и мала количина на воден мраз. Сепак тоа е многу ретка атмосфера која што, се претпоставува, дека замрзнува и во вид на снег паѓа на површината. Плутон можеби ги има најдраматичните промени на сезони во целиот Сончев систем.Тоа би било интересно да се види. Површинската температура е околу -230 °C, се чини рамномерно распоредена на целата планета поради многу слабата атмосфера. Но, сите овие претпоставки се донесени единствено од фотографиите на вселенскиот телескоп Хабл, кој не покажува ништо повеќе од бледо-сива дамка со големина на џамлија. Сепак, ќе мора да веруваме во нив, барем до 2015 година кога се очекува вселенската сонда New Horizons да пристигне до Плутон.
 |
|
Поглед на Плутон и Харон (уметнички приказ) (25 kb) | |
Оваа долго очекувана мисија (се планира веќе 15 години) е одобрена пред околу една година, а нејзиното лансирање ќе биде во текот на 2006 год. Од 1989 год. па наваму Плутон се одалечува од Сонцето додека кружи по неговата елиптична орбита. Од 2015 год. тој ќе се упати кон пределите на вечен студ, па се чини дека е фатен последниот воз, кој би можел да даде одговори не само на прашањата врзани за Плутон како планета, туку и за Кајперовиот појас, како и за настанокот на Сончевиот систем воопшто. Се разбира патот до Плутон нема да биде едноставен и директен. Како што беше случај и со останатите вселенски сонди кои патуваа позади Марс, ќе се искористи силата на гравитација предизвикана од Јупитер што ќе и даде забрзување на сондата при што ќе се заштеди гориво и ќе се скратат трошоците на мисијата. За време на средбата со Јупитер, една година по лансирањето, вселенската сонда New Horizons најпрво ќе ги истражи Јупитеровите сателити, а потоа ќе украде малку од орбиталната енергија на Јупитер и со поголема брзина ќе се упати кон новата цел, Плутон. Една година пред блиската средба со Плутон, во 2014 год, New Horizons ќе започне со фотографирање на планетата и на нејзиниот сателит Харон. Три месеци пред средбата камерите сместени на сондата ќе ги забележат првите корисни фотографии од Плутон кога и да било. Најпосле, некаде во 2015 год. New Horizons ќе пристигне на најмало растојание од Плутон, на само 9600 километри. Најинтересниот период од мисијата ќе бидат токму тие 24 часа кога сондата ќе биде најблизу до Плутон. Леталото ќе трага по ултравиолетово зрачење од атмосферата на Плутон, ќе ги анализира површинската градба и температура и ќе ја мапира планетата како и нејзиниот сателит Харон. Половина час по најблиската средба, сондата ќе направи фотографии во видливиот и инфрацрвениот дел од спектарот, при што ќе бидат забележливи форми и до 60 метри големина од површината на Плутон. Истата постапка ќе следи и по најблиската средба со Харон. Леталото ќе ја набљудува и темната страна на Плутон, обидувајќи се да забележи атмосферска магла и барајќи прстени на планетата.
 |
|
Уметнички приказ на сондата New Horizons која пресретнува објект од Кajперовиот појас (58 kb) | |
Но, тоа нема да биде крај. Тука започнува тотално нова фаза на мисијата. Астрономите во наредните десет години ќе се обидат да пронајдат објект од Кајперовиот појас кој би можел да биде нова цел на мисијата, откако сондата ќе го помине Плутон. Кајперовиот појас е полн со остатоци од формирањето на Сонцето и Сончевиот систем. Се претпоставува дека појасот најверојатно содржел доволно материјал за да се формира уште една, десетта планета, со големина на Нептун. Поради некоја причина поголемиот дел од материјата го снемало и десеттата планета не се формирала. Што би можело да биде причина за тоа? Можеби формирањето на Нептун предизвикало гравитациона промена која ги растргнала на парчиња затекнатите планети. Или можеби неколку планети во почетната фаза биле исфрлени надвор од Сончевиот систем од страна на Нептун и исчистиле дел од Кајперовиот појас. Истражувањето на системот Плутон-Харон, како и на некој објект од Кајперовиот појас, може да даде одговори на мистеријата за „исчезнатата” планета. И најпосле, за сите оние кои на почетокот се прашуваа дали вреди оваа долга мисија да се чека. Да, вреди. Јас би чекал и половина век.