Во јули 1969 година, човекот за прв пат стапна на Месечината. За време од уште 3 години тоа го направивме вкупно 6 пати, завршувајќи со последното слетување на Аполо 17 во 1972 година. И покрај тоа што на Земјата се вратија стотици килограми на камења, илјадници фотографии, индивидуални потврди и верификации од десетици држави (некои меѓу нив се сеуште противници на САД), некои луѓе сеуште тврдоглаво одбиваат да го прифатат фактот дека слетувањата на Аполо на Месечината се вистинити.
Нема потреба сега да ги објаснувам нивните теории на заговор, многу од нив ви се најверојатно многу добро познати, а и можете да ги најдете на интернет доколку пробуричкате малку по сајтовите, само напишете "Moon Hoax" и илјадници сајтови ќе ви бидат на располагање. Затоа да побараме потврда дали навистина слетувањата на Месечината биле вистинити? Да одиме на Месечината не можеме, барем не може секој и не во секое време. Тогаш, зошто не искористиме опремата што ја имаме, поточно еден од најпознатите објекти кои некогаш биле пратени во Вселената - Вселенскиот телескоп Хабл. Зошто не го свртиме Хабл кон Месечината, и со сета таа моќ што ја поседува на собирање на фотоните од објектите во Вселената, да ги собере фотоните преку кои ќе ги видиме лендерите и опремата кои астронаутите ја оставиле таму.
![]() |
|
Дали со помош на Хабл може да ги видиме лунарните ровери кои беа оставени таму од последните 3 Аполо мисии? |
Ова прашање е премногу очигледно, и многу од конспиративците го поставуваат често. Одговорот може ќе биде изненадувачки за многу луѓе, но науката не лаже!
Основната идеа е дека кога астронаутите ја напуштиле Месечината, на неа оставиле многу артефакти, вклучувајќи ја базата од лунарниот модул и роверите (при мисиите Аполо 15, 16 и 17). Базите од лураните модули се нешто поголеми од 4 метри (нозете на модулите се со распон од 9 метри, но се тесни, па затоа и тешко би се забележале). Роверите се до должина од 3 и ширина од 2 метри. Овие бројки личат на нешто што би можеле да видиме со Хабл, знаејќи како го користиме Google Earth и големата резолуција што може да се добие преку фотографии од Вселената. Но, дали можеме?
Прашањето тука е резолуцијата. Колку треба да биде голем еден објект за да може да биде забележан од еден телескоп, тоа е да може да го видите како нешто повеќе од точка? Како за пример, човек што стои до вас е многу лесно да го идентификувате. Но, на оддалеченост од 1 километар, ќе биде тешко и да го видите, а уште потешко да го препознаете. А на оддалеченост од 10 километри ќе биде само една точка - ако воопшто се гледа. Можноста еден телескоп да види некој објект, како што и може очекувавте и сте прочитале негде по сајтот од многубројните извештаи од астрокамповите и теренските набљудувања, зависи од дијаметарот на неговото огледало или леќа. Има еден едноставен сооднос помеѓу големината на огледалото и резолуцијата на телескопот: R=11.6/D. Што значи тоа? Прво, R = агловата големина на еден објект во аглови секунди. Аглова секунда е мерка за аглова големина (колку голем еден објект ни изгелда - ако два објекти се со еднаква физичка големина, оној што е подалеку ќе ни изгелда помало и ќе има помала аглова големина). Има 3 600 аглови секунди во еден степен, а за да ви дадам идеа колку е мала оваа мерка, Месечината е со привидна големина од 0.5 степени = 1 800 аглови секунди во дијаметар. D е дијаметарот на огледалото во сантиметри. Огледалото на Хабл е 2.4 метри = 240 сантиметри во дијаметар. Ставајќи го ова во формулата, ќе видиме дека резолуцијата на Хабл е 11.6/240 = 0.05 аглови секунди. Тоа е неверојатно мала големина. Човек би требало да биде оддалечен 8000 километри за да биде со големина од 0.05 аглови секунди големина!
За да бидеме целосно точни, има мал пресврт во сево ова. Поточно два. Првиот што важен е соодносот на брановата должина. За дадена големина на еден телескоп, колку е пократка брановата должина толку поголема резолуција се добива (еден телескоп подобро ќе забележи сини објекти отколку црвени, затоа што сината има пократка бранова должина). Но овој дел е многу мало влијание во однос на големината на огледалото, и затоа може да го игнорираме тука, а и за него е компензирано во константата 11.6 која се користи погоре. Второ, има статистичко правило кое вели дека објектот треба да биде 2 пати поголем од неговата теоретска големина за да може да биде препознаен. Ако сакате да дознаете нешто повеќе за ова разгледајте ја "Nyquist Sampling Theorem". Значи лимитирачката резолуција на Хабл е 0.1 аглова секунда. Има трикови со кои што може за малку да се подобри резолуцијата, но да не го правиме ова пресложено. Да речеме дека резолуцијата е 0.1 аглова секунда.
Што значи сево ова ако сакате да гледате артефакти на Месечината? Сега, ќе треба да утврдиме колку е агловата големина на некој од остатоците од мисиите Аполо, и подоцна да ги споредиме со резолуцијата на Хабл.
![]() |
|
Дури и најголемите телскопи што се на Земјата не можат да ја постигнат оваа резолуција, но видете што би можело да видат таму доколку некогаш направиме огромни телескопи. |
Има уште една формула која може да ја употребиме за да ја пресметаме агловата големина на објект базиран на неговата физичка големина и неговата оддалеченост: (d / D) x 206265 = a. Со други зборови, земете ја физичката големина (d) на еден објект, поделете ја со оддалеченоста (D), помножете го тој број со константата 206265, и ви ја дава агловата големина (a) во аглови секунди. Само немојте да заборавите D и d да ги ставите во исти мерни единици!
Па да видиме колкава е базата од лунарниот модел. Во дијаметар има 4 метри, но е оддалечена 400 000 000 метри. Тоа ни дава аглова големина од (4 / 400 000 000) x 206265 = 0.002 аглови секунди. Што би значело дека остатоците од лунарните лендери не можат да се видат со Хабл, поради тоа што тој има резолуција од 0.1 аглова секунда. Значи објектот на Месечината треба да биде многу поголем за да може да се види во огледалото на Хабл. Всушност, ако ја направите математиката (ставете ја резолуцијата на Хабл на 0.1 аглова секунда и растојанието од 400 000 километри) ќе видите дека резолуцијата на Хабл на Месечината е околу 200 метри! Со други зборови, дури и едно фудбалско игралиште на Месечината би изгледало како точка за Хабл. Тоа е големо изненадување за многу луѓе. Навикнати се да гледаат неверојатни детали на фотографиите од Хабл, ѕвезди во други галаксии и грутки од гас во убавите маглини. Но, тие објекти се многу, многу поголеми од Месечината. Резолуцијата на Хабл е иста 0.1 аглова секунда, без разлика колку е оддалечен еден објект. Тие грутки од гас изгледаат дека се многу јасни, но тие се со големина од неколку милијарди километри. Споредете ги со големината на артефактите на Месечината од мисиите Аполо. Дури и да би изградиле колосална спортска арена во кратерот Тихо (Tycho), Хабл одвај би ја видел. Лендерите, роверите и останатата опрема која е оставена на Месечината од астронаутите се тотално невидливи.
Користење на поголем телескоп нема да помогне многу. Потребно ви е огледало 50 пати поголемо од тоа на Хабл за да може барем да ги видите лендерите, а сеуште не постојат телескопи со димензии од 100 метри.
Како и да е, може да искористиме неколку трикови тука. Еден од нив е да не ги бараме директно артефактите, туку да ги бараме нивните сенки. На изгрејсонце или зајдисонце, сенките од лендерите може да бидат доволно големи за да можат да се забележат, дури и ако самиот лендер е невидлив. Но, овој настан е многу тежок за набљудување и мора да биде со голема временска точност. Дури и самиот релјеф може да ги блокира сенките, испанати делови од кратери, планини, и природни вдлабнатини и извишенија може да ја спречат светлината од Сонцето да стигне до лендерот додека тоа се наоѓа ниско на хоризонтот. Плус, пробајте да ги убедите екипите кои раководат со издавањето лиценци за користење на телескопите на одредено време да ви дадат една ноќ за набљудување на сенките на Месечината, и видете како ќе изреагираат.
![]() |
|
Хабл не може да ги види остатоците од мисиите Аполо, сепак, тие се премногу мали за неговата резолуција. |
Другиот метод е премногу очигледен. Да се вратиме на Месечината и да погледнеме. Кон крајот на годинава кон Месечината ќе биде упатен Lunar Reconnaissance Orbiter (LRO) и тој ќе биде во можност да распознава објекти со големина до половина метар. Ќе биде многу помал од Хабл, но затоа ќе биде многу поблиску. Значи со камерата на LRO ќе може да се забележат лендерите и роверите. Но и покрај сево ова не мислам дека многу ќе помогнеме во аргументите. Верувачите во заговор на Месечината имаат една цел, да ги отфрлаат сите докази кои кажуваат дека слетувањата на Месечината се вистинити. Во оваа категорија спаѓаат и сите фотографии кои се направени од астронаутите. Мислите ли дека ќе веруваат во уште повеќе фотографии направени од НАСА?
Јас искрено не верувам. Со добро претставени докази, само на околу 5% од конспиративците може да им го промените мислењето. Па, така единственото нешто е да се вратиме на Месечината и да погледнеме што се случува. Но, и тука сигурно ќе се појават нови теории, како што е артефактите кои се таму ги имате пратено со некоја роботизирана мисија. Ама на крај, што сакаат нека си мислат. Оваа мисија не се праќа за да докаже дали човекот стапнал на Месечината, туку се користи за многу понаучни цели, меѓу кои е и истражување на терен за градење на база на Месечината и барање на вода.
На нас ни преостанува да уживаме во Месечината кога ќе се појави на небото и кога ни ја осветлува ноќта со својот сјај.
Мартин Стојановски
Овој запис е прочитан 1787 пати