Ѕвезди/Ѕвездени јата

Северница – Polaris

17.01.2007

Други ознаки: PPM 43; SAO 308; HD 8890
Арапско име: Alurukaba; грчки: Kinosura (опашка на куче)

По Сонцето, Северница е најпознатата ѕвезда на нашето небо. Таа по ништо не е посебна во однос на другите ѕвезди, освен по својата положба на небото. Не е ниту најсјајна, ниту најблизу до нас, како што обично се мисли. Таа се наоѓа најблизу до северниот небесен пол и предизвикува чувство дека не се движи (за голо око), додека сите други ѕвезди кружат околу неа.

Додека другите ѕвезди привидно кружат околу неа, Северница скоро и да не се помрднува. Фотографија на Скопското астрономско друштво

За да не ги помешаме поимите север, северен пол и северен небесен пол, накратко да ги разјасниме.

Север е страна на светот и всушност претставува проекција на северниот небесен пол на хоризонтот. Со други зборови, ако од северниот небесен пол спуштиме вертикална линија кон хоризонтот, точката каде таа замислена линија го сече хоризонот е страна на светот која се вика север.

Северен пол е една од точките на Земјата низ која проаѓа оската на Земјината ротација. За да не се буните, оваа точка нема никаква врска со северниот магнетен пол на Земјата, кој е оддалечен од северниот пол околу 10 аглови степени (тој константно се движи и неговите вредности се менуват од година во година).

Северен небесен пол (СНП) е точка на небесната сфера, која се добива ако се поврзе јужниот пол на Земјата со северниот пол, па се продолжи сè до точката која ќе ја “пробие” небесната свера. Во таа точка нема ниту една ѕвезда, но најблиску до неа се наоѓа токму Северница.

Северница е повеќекратна ѕвезда, што значи дека околу неа не кружат планети (колку што се знае досега), туку други две ѕвезди. Tоа е всушност троен систем, каде самата Северница е означена како Polaris A, нејзината поблиска ѕвезда-придружничка е наречена Polaris Ab, а подалечната Polaris B.

Тројниот систем Поларис

Како што веќе напомнав, Северница не се наоѓа точно на северниот небесен пол, туку отстапува за помалку од еден аглов степен, т.е. 44 аглови минути – вредност која се менува од година во година. Зошто?

Тоа поместување на северниот небесен пол е последица на прецесијата – движење на Земјината оска околу еклиптичкиот центар. Ова движење се манифестира така што северниот небесен пол прави еден голем круг по небото (за 25 800 години), а како последица на тоа некои други ѕвезди ќе станат, или веќе биле, Северници. Пред 4 500 години, за време на египетската цивилизација и градењето на пирамидите, ѕвездата Тубан (од соѕвездието Змеј) била најблизу до северниот небесен пол, па тогашните луѓе се ориентирале во однос на неа. Во далечна иднина, пак, ѕвездата Вега (од соѕвездието Лира) ќе игра улога на поларна ѕвезда.

Оската на ротација на Земјата се „тетерави“ околу замислена оска, како чигра додека се врти, предизвикувајќи ја прецесијата

Кругот на прецесија, кој го прикажува поместувањето кое го прави северниот небесен пол во текот на 25 800 години

За повеќе околу прецесијата и движењата на Земјата, посетете ја нашата Астроучилница -> Координатни системи

Денешниот статус на поларна ѕвезда Северница го добила некаде во XV век, кога се приближила до северниот небесен пол на околу 4 аглови степени. Кога Колумбо тргнал на пат да го открива Новиот свет, се користел со неа за навигација по океаните. Но, постојат записи дека и Марко Поло ја користел при своите патувања во XIII век. Наводно, Одисеј ја користел ѕвездата Кохаб (од Малата Мечка) при своите епски патувања по Медитеранот.

Како да ја пронајдете Северница меѓу останатите многубројни ѕвезди на небото, ако не е најсјајна? Одговорот лежи во соѕвездијата во нејзината непосредна близина. Најдобро е да се користи соѕвездието Голема Мечка (Ursa minor - Umi), која никогаш не заоѓа (гледано од нашата географска широчина), и нејзините седум сјани ѕвезди, кои лесно се забележуваат на ноќното небо.

На долната слика обидете се да ги пронајдете двете ѕвезди во трапезот на Големата Мечка, наречени Мерак и Дубхе, кои се наоѓат спротивно од опашката. Потоа тргнете од ѕвездата Мерак во правецот на ѕвездата Дубхе и продолжете пет пати од нивното меѓусебно растојание, за да стигнете до првата посветла ѕвезда – тоа е ѕвездата Северница. За пронаоѓање на Северница можете да го искористите и соѕвездието Касиопеја (на сликата изгледа како буквата З или бројот 3) и со поврзување на одредени ѕвезди на Касиопеја и Големата Мечка лесно можете да ја одредите точната положба на Северница.

Инаку, ѕвездата Северница е црвен џин, или супер џин, 2612 пати посјајна и 48 пати поголема од нашето Сонце. Во нејзиното јадро веќе е завршен процесот на фузија на водород, па сега целата ѕвезда пулсира, менувајќи го својот сјај во период од 3,9696 дена, во распон од 0,15 магнитуди. Каталошки, Северница е ѕвезда со сјај од +2,12 магнитуди. Нејзината апсолутна магнитуда е -3,65, а пресметаната температурата на нејзината површина изнесува 5986 К.

Без оглед на сите овие каталошки податоци, ѕвездата Северница и во наредните неколку векови ќе ни остане како маркер за наоѓање на север.

Радан Митровиќ

Овој запис е прочитан 5569 пати

Пребарај

Се вчитува...

Актуелно од САД

Фотографија на денот

денес

Why does this starfield photograph resemble an Why does this starfield photograph resemble an


вчера

Yes, but have you ever seen aurora from a cave? Yes, but have you ever seen aurora from a cave?


завчера

Why does this comet's nucleus have two components? Why does this comet's nucleus have two components?


Фази на Месечина

Сончева активност

Интересно

Најсветлата супернова во историјата се појавила во соѕвездието Волк во 1006 год. Нејзината магнитуда била околу -10 (полна Месечина е -12)!. Следната најсветла супернова се случила во 1054 година, одговорна за Маглината Рак (Crab Nebula) во Бик. Таа имала магнитуда -5. Оттогаш само уште една сурепнова била визуелно забележлива - таа во 1987 година во Големиот Магеланов Облак, која светела со магнитуда +2.

САД преку социјалните мрежи

Македонски Star Trek фан клуб
Astronomski Magazin (на Спрски јазик)
Copyright © Скопско астрономско друштво | Изработено од Medium3